Јануари 2025: Потсетник за важноста на правна ревизија (Legal Due Diligence)
Jan 10
3 min read
1
9
Јануари 2025: Потсетник за важноста на правна ревизија (Legal Due Diligence). Совршено време за осврт и планирање. Јануари не само што означува нов почеток, туку и можност да ги преиспитате сите правни аспекти на вашето работење. Без разлика дали планирате спојување, нова деловна соработка или едноставно сакате да се уверите дека сè е во согласност со законите, правната ревизија (legal due diligence) е од суштинско значење за успешно функционирање на вашата компанија во 2025 година.
Денес во светот на брза размена на информации, каде што решенија се носат на секој чекор, правната ревизија не е само ад-хок проверка на документи, туку процес кој е клучен за долгорочниот успех на секоја компанија. Особено кога се планираат поголеми трансакции како што се спојувања, превземања или влегување на нови пазари, правната ревизија станува неизбежен чекор.
Што е правна ревизија и зошто е неопходна?
Правната ревизија е процес на детално испитување на деловното работење на една компанија, кој има за цел да открие потенцијални ризици кои можат да го загрозат успехот на некоја значајна трансакција. Ова не се однесува само на проверка на правни документи, туку и на осигурување дека деловното работење компанијата функционира во согласност со актуелните законски регулативи. Во Северна Македонија, правната ревизија е не само препорака, туку и потреба кога се прават големи промени како што се влез во нови партнерства или нови инвестициски активности.
Основни области на правна ревизија
1. Корпоративна структура и управување
Еден од најважните аспекти на правната ревизија е разгледување на основните корпоративни документи како што се Статутот на компанијата и договорите помеѓу акционерите, содружниците. Овие документи мора да бидат во согласност со Законот за трговски друштва, за да се потврди дека компанијата е законски уредена и дека не постојат потенцијални правни конфликти меѓу нејзините сопственици.
2. Регулаторна усогласеност
Секоја компанија во Северна Македонија мора да се придржува кон низата регулативи, како што се Законот за трговски друштва, Законот за заштита на лични податоци, Законот за работни односи и други регулати специфични за секоја индустрија засебно. Со правната ревизија се помага при осигурувањето дека сите овие регулативи се исполнети, избегнувајќи потенцијални казни за неусогласеност.
3. Договори; Договори за вработување
Една од најважните компоненти на правната ревизија е анализа на договорите со добавувачите, клиентите и сите останати трети страни со кои компанијата има договорни обврски. Прегледот на овие договори овозможува идентификување на потенцијалните правни ризици кои можат да влијаат на успешноста на компанијата. Додека пак анализата на договорите за вработување помага при предвидување на ризици и последици кои произлегуваат од Законот за работни односи.
4. Судски постапки и спорови
Анализа на сите тековни и минати случаи во кои компанијата била или е вклучена, е важен аспект за утврдување на потенцијалните финансиски и репутациски ризици. Одговорноста за претходни спорови или правни обврски може да влијае на идниот успех на бизнисот.
5. Интелектуална сопственост
Заштитата на интелектуалната сопственост, како што се патенти, авторски права, индустриски дизајн или трговски марки, е критична за компаниите, особено во индустриите кои зависат од иновации и технолошки развој. Преглед на сите права и документи поврзани со интелектуална сопственост помага да се обезбеди дека овие вредни ресурси се адекватно заштитени согласно со Законот за индустриска сопственост.
6. Финансии
Прегледот на финансиските документи и усогласеноста со даночните прописи е важен за секоја правна ревизија. Анализата на финансиските извештаи и даночните обврски помага да се утврди дали компанијата е финансиски стабилна и дали ги исполнува сите законски барања.
Како правната ревизија помага ?
1. Намалување на ризиците
Превентивното откривање на правните ризици овозможува компанијата да ги реши на време ризиците кои се откриени или да спречи идни правни конфликти и финансиски проблеми.
2. Поддршка за информирано донесување одлуки
Реализираната правна ревизија обезбедува детална слика за сите аспекти на компанијата, што олеснува при донесувањето одлуки за важни трансакции како што се спојувања, превземања и инвестирање, како и при понатамошно функционирање на компанијата.
3. Осигурување на усогласеност
Со правната ревизија се осигурува дека бизнисот не се изложува на потенцијални санкции или казни од неусогласеност со законските норми, што е особено важно за долгорочен успех.
4. Прецизно утврдување на вредноста на компанијата
Точната правна ревизија помага да се утврди вистинската вредност на компанијата, што е клучно за одредување на реалната вредност на имотот и долгорочната стабилност.
*
Започнувањето на новата година со спроведување на правна ревизија не е само формалност, туку и стратегиски чекор за осигурување стабилност и долгорочен успех на вашата компанија. Преку детално испитување на корпоративната структура, договорите, регулаторната усогласеност и финансиските обврски, вие не само што ги минимизирате ризиците, туку и создавате основа за информирано донесување одлуки.
**
Напомена: Овој текст е подготвен исклучиво за информативни цели и не може да се смета за правен совет или упатство за конкретно постапување. Правните прашања се сложени и секој случај има свои специфики кои мора да се разгледуваат поединечно. Токму поради тоа ви предлагаме да се консултирате со стручно лице- Адвокат кои може да најде уникатно решение за вашето правно прашање.