top of page

Договорот за вработување – Специфичности за IT Сектор

Dec 25, 2024

5 min read

1

63

договор за вработување - it сектор спецификации

Работниот однос помеѓу работникот и работодавачот започнува со договорот за вработување. Како клучна нишка помеѓу работникот и работодавачот од од исклучителна важност е истиот да биде правно безбеден и да ги штити правата и обврските на двете страни.


Законот за работни односи не запознава со основните податоци кои мора да ги содржи еден договор за вработување, кои доколку еден договор за вработување ги нема ќе се смета за ништовен, како:

1.       податоци за договорните страни, нивното живеалиште, односно седиште;

2.       датум на стапување на работа;

3.       назив на работното место, односно податоци за видот на работата за којашто работникот склучува договор за вработување, со краток опис на работата што ќе ја врши според договорот за вработување;

4.       одредби за обврската на работодавачот да го информира работникот за ризичните работни места и посебни стручни квалификации или познавања или неопходен посебен медицински надзор, во согласност со закон, со наведување на посебните ризици кои според законските прописи можат да бидат последица од работата;

5.       место на вршење на работата. Ако не е наведено точното место, се смета дека работникот ја врши работата во седиштето на работодавачот;

6.       време на траење на работниот однос, кога е склучен договор за определено време;

7.       одредба за тоа дали се работи за работен однос со полно или пократко работно време;

8.       одредба за дневно или неделно редовно работно време и распоредување на работното време;

9.       одредба за висината на основната плата која се изразува во паричен износ, која му припаѓа на работникот за вршење на работата според закон, колективен договор и договорот за вработување;

10.    одредба за другите надоместоци кои му припаѓаат на работникот за вршење на работата според закон и колективен договор;

11.    одредба за годишниот одмор, односно начинот за определување на годишниот одмор и

12.    наведување на општите акти на работодавачот во кои се определени условите на работа на работникот.

Договор за вработување во IT индустријата- клучни клаузули

Поради специфичниот начин на работа на лицата во IT секторот од клучна важност е договорот за вработување со нивниот работодавач да е прилагоден согласно потребите на работното место. Најчестите проблеми кои произлегуваат помеѓу работодавачот и работникот е токму кога се посветува малку внимание на договорите за вработување посветено при склучување на договор за вработување.


Клаузули кои додаваат правна безбедност за обете страни се следниве:


1. Клаузула за доверливост и интелектуална сопственост (IP)

Во IT индустријата, интелектуалната сопственост и доверливоста играат една од најважните улоги. Вашиот договор за вработување треба јасно да ја наведе сопственоста на кој било софтвер, код или технологии развиени за време на вработувањето. Ова ги вклучува сите нови идеи, процеси или апликации што вработениот ги создава додека работи во компанијата.

Клаузула за интелектуална сопственост: Со оваа клаузула договорните страни се грижат за интелектуалната сопственост за време на работниот однос и истата јасно ја дефинираат уште пред да започне вработениот со извршување на своите обврски. На овој начин потенцијалниот спор околу сопственоста создадена од страна на вработениот за време на неговиот работен однос(како: код, софтверска архитектура, алгоритми) е јасно дефинирана на кого припаѓа.

Договор за доверливост: Работодавачот или вработените во IT секторот често се сретнуваат со чувствителни податоци или сопственички системи. Од исклучителна важност е договорот за вработување да бара од вработениот да ја одржува доверливоста на деловните операции на компанијата, податоците за клиентите, софтверот, кодот и сл. На овој начин се спречува на протекување податоци или неовластено споделување информации за компанијата така што вработениот е информиран за последиците од овие дејствија и нивната сериозност.


2. Работа на далечина и флексибилност

Оваа индустрија беше во првите редови на флексибилните работни аранжмани, особено со порастот на работата на далечина. Тоа значи дека добро структуриран договор за вработување за вработените во овој сектор мора да ја инкорпорира работата на далечина или флексибилното работно време доколку работниот процес на компанијата тоа го дозволува.

Опции за работа на далечина: Доколку е дозволена работа на далечина, договорот треба да специфицира дали вработените можат да работат од дома и дали работат со полно работно време или со скратено работно време. За жал хибридниот режим на работа сеуште не е препознат во македонското законодавство, но поради тоа договорот за вработување мора да ги истакне сите очекувања околу достапноста, комуникацијата или опремата обезбедена од компанијата

Флексибилно работно време: Вработените во овој сектор често се вклучени во работа базирана на проекти, а строгите распореди од 9-5 можеби не се секогаш неопходни. Договорот би можел да овозможи флексибилно работно време, се додека вработениот ги исполнува клучните рокови и очекувањата за перформансите.


3. Безбедност и заштита на податоци

Имајќи предвид дека лицата кои работат во IT секторот често се справуваат со чувствителни податоци, од суштинско значење е нивниот договор за вработување јасно да ги наведе нивните обврски во однос на заштитата на податоците и сајбер безбедноста.

Усогласеност со законите за заштита на податоци: Договорот треба да предвиди дека вработените мора да се запознаат со релевантните закони, како Законот за заштита на лични податоци или какви било стандарди специфични за индустријата. Вработените во овој сектор треба да бидат свесни за нивната одговорност да ги обезбедат податоците на компанијата. Ова значи дека договор во оваа индустрија може да вклучува клаузули за користење софтвер одобрен од компанијата, обезбедување податоци на уредите на компанијата и следење на протоколите за сајбер-безбедност на компанијата.


4. Професионален развој и обука

IT индустријата се развива брзо, а вработените во оваа област мора да бидат во тек со најновите технологии и најдобри практики. Затоа, добар IT договор за вработување треба да содржи одредби за континуирано учење и професионален развој.

Обука и сертификати: Во договорот треба да се стои и дали компанијата ќе го поддржи професионалниот раст на вработениот. Ова може да вклучи поддршка за курсеви за обука, сертификати или присуство на конференции и работилници.


5. Опрема и алатки

Природата на работата често бара специјализирана опрема, а во договорот за вработување треба да се наведе кои алатки и уреди ги обезбедува компанијата и кој е одговорен за нивно одржување.

Опрема обезбедена од компанијата: Ова вклучува лаптопи, монитори, софтверски лиценци и друга ИТ инфраструктура неопходна за работата. Доколку компанијата обезбедува опрема, договорот треба да ги разјасни условите за користење, вклучително и кога на вработениот му е дозволено да ја користи надвор од работното време или локации.

Лични уреди: Некои компании може да имаат политика на „Донеси свој уред“, односно дозволеност вработените да користат свои уреди. Договорот треба да прецизира дали од вработениот се очекува да користи лични уреди (на пр. лаптопи, паметни телефони) за работа и какви безбедносни мерки мора да има за да се заштитат податоците на компанијата.


*

Склучувањето на договор за вработување во IT секторот бара внимателно разгледување и прилагодување на специфичните потреби и обврски што ги носи оваа индустрија. Правилно структуриран договор за вработување не само што обезбедува правна сигурност, туку и гради доверба помеѓу работникот и работодавачот.



**

Напомена: Овој текст е подготвен исклучиво за информативни цели и не може да се смета за правен совет или упатство за конкретно постапување. Правните прашања се сложени и секој случај има свои специфики кои мора да се разгледуваат поединечно. Токму поради тоа ви предлагаме да се консултирате со стручно лице- Адвокат кои може да најде уникатно решение за вашето правно прашање.

Dec 25, 2024

5 min read

1

63

© 2024 by Law office Isaevski

bottom of page